И кога се љуби, и кога се умира, потребни се двајца...
1.
Беше крај на мај а секоја година во тоа време во нашата улица се ширеа и разлеваа низ воздухот шурки пријатна миризба од тенџериња со големи усти во кои од дното кон површината се качуваа врели клобурци и ги вртеа во шербетот румените цреши - алкајсии...Тие саботни и неделни утра мај имаше најубава миризба од сите месеци во годината. Особено таа пролет, за неа прва во нашата улица, оти немаше ниту половина година како се доселија со мајка и во куќата на дедо Петре, ослободени од кирија, со платени комуналии од пензијата на старецот, само да му прават јадење на стариот, да го исперат и да ја држат куќарката, каква таква, на нозе, оти неговите синови се повеле по умот на жените свои и кренале раце од него како од шугаво куче...
Прво што ме плени кај неа беа нејзините црни очи со сјај на презреани цреши...
Помислив - колку вкусно би било слаткото од нејзините очи.
Помислив - ако очите и личат на цреши, каква ли и е душата .
Помислив - душата и е расцветана градина со цреши.
Помислив – девојко од соништата, како да направам малечок замок во твојата градина со расцутени цреши за мојот сладок немир...
Помислив - а, можеби таа воопшто не сака слатко од цреши...
Помислив: утре ќе ја прашам дали сака слатко од цреши, ако сака ќе и кажам дека ја сакам.
Не, ќе и кажам дека срцето ми е немирна птица кога минува покрај мене, дека сонцето не е ништо во споредба со нејзините насмевки, дека од гласот славејчиња и се испилуваат кога се враќа од училиште со „Добар ден“ во сончевата насмевка, дека сонот подолго ми трае кога таа ја отвора вратата на неговата одаја, дека...
Играта на клобурците во шербетот и мигна на мајка дека треба да ги истури црешите во тенџерето.
Колку го сакав тој мирис, кога црешите ќе почнеа да впиваат во себе од шербетот и да набабруваат, но тогаш ја видов неа во нивниот двор и срцето ми се стори немирна птица, сонцето засвете посилно, во воздухот се разлеа песна на славејчиња...
Нејзината појава замириса посилно од сите познати и непознати миризби, од зумбулот и од рузмаринот, од босилекот и од смилот, од алкајсиите и од шербетот...
Или тоа само моите чувства им замирисаа на ждребињата на мојот младешки немир...
-Јас ќе одам долу, во училишниот двор, - и реков на мајка па, онака босоног, разбудив неколку камчиња со манир на голгетер, со скок ја дофатив најниската гранка на багремот крај куќата на тетка Митра, па се залував неколкупати на неа ко да така ќе го истресев слаткиот немир што ми го окупира сето битие.
Боже, колку беа убави нејзините очи со боја на презреани цреши и сјај на утринско сонце во капка роса.
- Сакаш ли слатко од цреши? – ја прашав.
- Сакам, - рече таа, - Ама уште не сме свариле.
- Тогаш, изеди си ги очите, – некоја зла крв ми удри во главата па и се искривив и ја повлеков за прцлата.
Во нозете сетив ветер, иако бев бос а сокачето послано со ситна каменчиња од аличот што ги истурале за да ги пополнат нерамнините и да го израмнат кога ги правеле последните куќи во ридската населба. Не знаев од што повеќе сакав да побегнам, од нејзиниот болен писок што ми се џилитна како остар нож кон срцето или од рапавиот и треперлив глас на дедо Петре преточен во истата таква клетва веднаш после писокот на црешооката.
А не се плашев ниту од неа, ниту од дедо Петре и неговата старечка клетва, треперлива како сув лис пред откинување од крошната.
Сеедно, побегнав како најголем страшливец.
Но, зарем се бегало и од тоа „ПОСЛЕ“
Она што ќе се случи вечерта, кога татко ми ќе се врати не ме сеќираше воопшто. Та еднаш ли се случило тоа.
ПОСЛЕ:
Седнав како најголем виновник на брегот од реката, седнав – јас, една голема ненадејна празнина што не се пополнува со ништо, една болна зјајдупка во која сакав жив да се закопам, замразен од самиот себе повеќе отколу од неа и од дедо Петре,заедно, мизерија на две нозе со глава од тиква со зелени семки во неа, со желба да се фрлам во водата и засекогаш да исчезнам од очите на сите што ме сакаа и не ме сакаа.
Седнав со желба да не станам никогаш, јас, беда над бедите, безрбетник и безумник, да се растечам низ ѓубрето, да скапам...
ВЕЧЕРТА:
- Нема ден – поплака... Нема ден – кабает... Абе од тебе ми доаѓа да побегнам одовде, да се се сокријам некаде кај што човек не припарил....
Татко ми божем од кожата ќе излезеше од бес. Се тресеше, зеленееше, се вжаруваше во лицето, ги стискаше тупаниците...
- Имаш ли бе ти малку мозок во таа твоја глава!?
И:
Во главата ми се отвори пештера полна со густа темница, се изместив од местото како во некој темен, празен, бестелесен простор, а потоа како сводот над неа да зиина, се покажа темно небо полно со ѕвезди, повеќе ѕвезди отколку што имаше кое било небото во најјасната летна ноќ. И пак темница,и пак се занишав, и пак ѕвезди... Којзнае колкупати тоа пак ќе се повтореше, но:
- Аман бе човеку, ќе го отепаш, та зарем толку ѕверски се тепало, - исписка мајка уплашено и заштитнички застана меѓу него и мене, - Ајде, та зарем само тој повлекол девојче за прцлата... Ако ја повлекол не е убиец...
Одвелков во собата болка каква што никогаш немав сетено. Не, не ме болеше тепањето од татко ми... Едно чувство ми риеше болно во утробата и ме принудуваше да се мразам самиот себе, да се изедам, да се сотрам, да исчезнам...
А толку многу ја сакав...
.
2.
Беше крај на мај, четврта година откако таа се весли со мајка и во куќата на дедо Петре.
Алкајсиите узрејаа, кумбетите зачадија, зовриваше шербетот во тенџерињат со широки усти,.замириса слаткото...
Мене ми мирисаа усните на Црешоока, полни, набарени како да ќе прелие од таа возбудлива набабреност крвта од презреаните цреши, ми мирисаа со горешините на жедните лета распослани по песочните плажи на реката, со темницата на киносалата, со шампитите и лимонадата во слаткарницата „Ванила“, со првите поетски пориви...
Седевме на клупата во паркот а јас ја пиев со очите, со душата, со сето мое сунгересто битие ја впивав во себе како прежеднат ранет војник од битката на копнежот и стравот и мислев каква магија да изведам па да го бликннам сокот од презреаните цреши и да си ја заситам зедта.
- Знаеш ли да се бакнуваш! – ја треснав одеднаш најглупавата што можеше да ја тресне кој било на мое место во таква ситуација.
- А ти? – праша таа тивко и срамежливо ги забоде очите во песокта со која беше послана патеката крај клупата..
- Напишав песна за твоите усни! – и реков, побегнав од одговорот на нејзиното прашање, побарав начин да ја повечам назад глупоста што предмалку ја треснав, дури во желудникот, од кадешто мислев дека излезе како грозна блувотина од несоџвакани зборови.
- Знам, по третпат ми кажуваш! – се насмевна таа, - Ама, ми годи на душава... – румена насмевка и затрепери на образите, - Кога ќе ја прочитам?
- Оваа е друга! – реков, - Во неа твоите усни ги споредувам со цреши полни со сок...
- Па црешите се секогаш полни со сок.
- Па и твоите усни се секогаш полни со сок.
- Мис...?
Гласот и заврши на моите усни – мек, нежен, со вкус на сок од цреша, ист како и нејзините усни на кои, како крадец во брзање, да не биде фатен од стопанот, ги залепив моите и ја бакнав, држејќи ја со едната рака околу половината а со другата нејзиниот бел врат.
Колку ли траеше?
Повеќе од вечноста а помалку од сонот.
Во молкот што го продолжи чувството на бакнежот низ моите вени разменивме неколку значајни реплики за разбирање на сите неразбрани зборови што не умеевме да си ги кажеме во изминатите години од нашето познавање. Јас, лач среќа и радост паднат од некое далечно сонце во вселената, таа - тивок ветер што се провлекува низ снеговите на срцето и ја ослободува згрчената мисла...
- Зошто ме бакна? – нејзиниот поглед висна тажно како смрзната качунка.
- Бидејќи си прекрасна! – мојата дланка радосно запеа во нејзината.
- Требаше да ме прашаш, - се исправи качунката во нејзиниот поглед.
- Храброста е мигновено чувство, - реков.
- Знам, - рече.
Нејзините усни беа се поблиску до моите. Пак ја спознав магијата на вечноста. Овој пат многу посилно – бев центар на вселената, а таа само сок од цреши што се разливаше низ ѕвездените патеки на мое тело.
3.
Шестата пролет по ред ми ја дари најубавата цреша од нејзината крошна. После плачеше, со солзи што ме дожежаа во срцето и го убија нагонот на ловецот во мене.
- Не обрнувај внимание, - намести усилбена насмевка на прекрасното лице низ солзите, - Така, некоја тежина тоа е... Од длабочините на душата... А не сакам да плачам...
Не реков ништо. Се презирав, бев животно затворено во мртвата страст во сопствената душа, животно што станало свесно за својата животинска природа. Се грозев од самиот себе, од сопственото тело, од сопственото дишење, од сопствените мисли, од чукањто на сопственото срце...Секој атом во мене имаше смрдлив здив на мрша.. Дури се грозев и од сопствениот поглед, па го симнав од нејзините облини, од милијардата совршени линии од кои беше нацртано нејзиното голо тело како слика на непознат сликар...
Ја гушнав. Ја нурнав главата во мирисот на нејзината бујна коса и шепнав со плачот од мејзината душа:
- Прости ми...
4
Таа пролет сигурно ќе ја запомнев по жалната слика од празните крошни на црешите. Таа пролет црешите не родија. Ги ослани некоја лута, изеслива слана, ги попари, ги катраноса и ги срони - мали црни монистри по земјата... Но тоа што црешите не родија, што ниедна жена не изнесе ќумбет во дворот, што во ниедна куќа не се направи слатко од цреши со кое ги добросувавме гостите, таа пролет никому не му беше грижа. Најмалку мене. Таа пролет, Црешоока легна в постела, бледа, беспомошна, со згаснат сјај во очите...
Свенот и беше бавен, како на цвеќе на кое црви му се вовлекле во коренот,па го нагризуваат секојдневно, троа по троа, жилка по жилка грицкаа од неговиот корен, ги затвораа со талогот на немоќта каналчињата со кои се црпат животните сокови и таа свенуваше, од ден во ден се повеќе свенуваше...
Кога смртта доаѓа одненадеж, удира како ровја, одекнува од ридиштата на болот и се стишуваа... Кај неа доаѓаше бавно, се најави како наивна шега од далечините, како детско влечење за прцла...
Нејзино умирање беше грч, беше очај, беше немоќ. И надеж и исчекување во моите очи, и молитва и клетва,.на моите усни. Бев светлина на времето зад и клета сенка на тоа што идеше... Бев молк, бев мртва песна во клунот на убиената птица на радоста, сонце без небо, река без корито, сунгер во кој се впиваше сета болка на светот.
- Држи ми ја ракате! – молежлив шепот, силен колку и чукањето на моето срце, зашумоли од нејзините очи.
- Не сум ја испуштил со денови!- реков.
- Ако, држи ме...
Пак молк, во кој се слушаше само шумолењето на светлината додека влегуваше низ пердето во малечката собичка со мирис на бавно умирање.
- Оваа година цртешите не родија! – реков глупаво, колку да го размавтам мирисот на смртта.
- Ох, колку би сакала да каснам барем една! – рече.
- Изеди си ги очите! - извлеков со мака низ онаа мала шуплина што ја оставаше топката во грлото, колку воздух да ми влезе во градите и се насмевнав со сила...
Ми врати со насмевка. Всушност тоа и не беше насмевка туку светлина на свеќа што догорува, последен грч да се осветли мигот што ќе ја собере вечноста во себе.
- Јас не ти се лутев кога ме влечеше за прцлата!
- Никогаш посилно и поискрено не ти кажав колку те сакам...
Умиравме заедно. Таа со телото, јас со душата. На истиот начин како што расневме. Умираше шепотот во неа, умираше румената боја на нејзините образи, умираше отсјајот на сонцето во очите со боја на презреана цреша. Умираше мојата Црешоока, а со неа мојата радост, мојата среќа, хоризонтите по кои беа растрчани дивите ждребиња на моите сни.
- Не плачи! – рече.
- Не плачам! – реков.
- Плачеш со душата.
- Плачам.Никогаш нема да престанам.
И денес жените изнесуваат ќумбети и прават слатко од цреши - алкајсии, но денес никој не добросува гости со него. Ниту пак видов девојче со очи со боја на презреани цреши...
No comments:
Post a Comment