Tuesday, February 22, 2011

НИВА



Со години неорана,
угар оставена,
па заборавена.

Троскот котот и го гуши,
а прескотна е.

Со очи стрв настрвени
по орачите,
по сејачите,
разгорува -
прегорува...

Паличник ли нема
да ја отвори
сејач ли нема
да ја посее
та се смалува во себе
берикетницата -
проклетницата ...


Saturday, February 19, 2011

ЦРЕШООКА

И кога се љуби, и кога се умира, потребни се двајца...
       
       
1.
       
        Беше крај на мај а секоја година во тоа време во нашата улица се ширеа и разлеваа низ воздухот шурки пријатна миризба од тенџериња со големи усти во кои од дното кон површината се качуваа врели клобурци и ги вртеа во шербетот румените цреши - алкајсии...Тие саботни и неделни утра мај имаше најубава миризба од сите месеци во годината. Особено таа пролет, за неа прва во нашата улица, оти немаше ниту половина година како се доселија со мајка и во куќата на дедо Петре, ослободени од кирија, со платени комуналии од пензијата на старецот, само да му прават јадење на стариот, да го исперат и да ја држат куќарката, каква таква, на нозе, оти неговите синови се повеле по умот на жените свои и кренале раце од него како од шугаво куче...
        Прво што ме плени кај неа беа нејзините црни очи со сјај на презреани цреши...
        Помислив - колку вкусно би било слаткото од нејзините очи.
        Помислив - ако очите и личат на цреши, каква ли и е душата .
        Помислив - душата и е расцветана градина со цреши.
        Помислив – девојко од соништата, како да направам малечок замок во твојата градина со расцутени цреши за мојот сладок немир...
        Помислив - а, можеби таа воопшто не сака слатко од цреши...
        Помислив: утре ќе ја прашам дали сака слатко од цреши, ако сака ќе и кажам дека ја сакам.
        Не, ќе и кажам дека срцето ми е немирна птица кога минува покрај мене, дека сонцето не е ништо во споредба со нејзините насмевки, дека од гласот славејчиња и се испилуваат кога се враќа од училиште со „Добар ден“ во сончевата насмевка, дека сонот подолго ми трае кога таа ја отвора вратата на неговата одаја, дека...
        Играта на клобурците во шербетот и мигна на мајка дека треба да ги истури црешите во тенџерето.
        Колку го сакав тој мирис, кога црешите ќе почнеа да впиваат во себе од шербетот и да набабруваат, но тогаш ја видов неа во нивниот двор и срцето ми се стори немирна птица, сонцето засвете посилно,   во воздухот се разлеа песна на славејчиња...
        Нејзината појава замириса посилно од сите познати и непознати миризби, од зумбулот и од рузмаринот, од босилекот и од смилот, од алкајсиите и од шербетот...
        Или тоа само моите чувства им замирисаа на ждребињата на мојот младешки немир...
       -Јас ќе одам долу, во училишниот двор, - и реков на мајка па, онака босоног, разбудив неколку камчиња со манир на голгетер, со скок ја дофатив најниската гранка на багремот крај куќата на тетка Митра, па се залував неколкупати на неа ко да така ќе го истресев слаткиот немир што ми го окупира сето битие.
        Боже, колку беа убави нејзините очи со боја на презреани цреши и сјај на утринско сонце во капка роса.
- Сакаш ли слатко од цреши? – ја прашав.
- Сакам, - рече таа, - Ама уште не сме свариле.
        - Тогаш, изеди си ги очите, – некоја зла крв ми удри во главата па и се искривив и ја повлеков за прцлата.
        Во нозете сетив ветер, иако бев бос а сокачето послано со ситна каменчиња од аличот што ги истурале за да ги пополнат нерамнините и да го израмнат кога ги правеле последните куќи во ридската населба. Не знаев од што повеќе сакав да побегнам, од нејзиниот болен писок што ми се џилитна како остар нож кон срцето или од рапавиот и треперлив глас на дедо Петре преточен во истата таква клетва веднаш после писокот на црешооката.
        А не се плашев ниту од неа, ниту од дедо Петре и неговата старечка клетва, треперлива како сув лис пред откинување од крошната.
        Сеедно, побегнав како најголем страшливец.
        Но, зарем се бегало и од тоа „ПОСЛЕ“
        Она што ќе се случи вечерта, кога татко ми ќе се врати не ме сеќираше воопшто. Та еднаш ли се случило тоа.
       
ПОСЛЕ:
      
           Седнав како најголем виновник на брегот од реката, седнав – јас, една голема ненадејна празнина што не се пополнува со ништо, една болна зјајдупка во која сакав жив да се закопам, замразен од самиот себе повеќе отколу од неа и од дедо Петре,заедно, мизерија на две нозе со глава од тиква со зелени семки во неа, со желба да се фрлам во водата и засекогаш да исчезнам од очите на сите што ме сакаа и не ме сакаа.
          Седнав со желба да не станам никогаш, јас, беда над бедите, безрбетник и безумник, да се растечам низ ѓубрето, да скапам...

ВЕЧЕРТА:
       
       - Нема ден – поплака... Нема ден – кабает... Абе од тебе ми доаѓа да побегнам одовде, да се се сокријам некаде кај што човек не припарил....
       Татко ми божем од кожата ќе излезеше од бес. Се тресеше, зеленееше, се вжаруваше во лицето, ги стискаше тупаниците...
       - Имаш ли бе ти малку мозок во таа твоја глава!?
       И:
       Во главата ми се отвори пештера полна со густа темница, се изместив од местото како во некој темен, празен, бестелесен простор, а потоа како сводот над неа да зиина, се покажа темно небо полно со ѕвезди, повеќе ѕвезди отколку што имаше кое било небото во најјасната летна ноќ. И пак темница,и пак се занишав, и пак ѕвезди... Којзнае колкупати тоа пак ќе се повтореше, но:
      - Аман бе човеку, ќе го отепаш, та зарем толку ѕверски се тепало, - исписка мајка уплашено и заштитнички застана меѓу него и мене, - Ајде, та зарем само тој повлекол девојче за прцлата... Ако ја повлекол не е убиец...
        Одвелков во собата болка каква што никогаш немав сетено. Не, не ме болеше тепањето од татко ми... Едно чувство ми риеше болно во утробата и ме принудуваше да се мразам самиот себе, да се изедам, да се сотрам, да исчезнам...
        А толку многу ја сакав...

        .

       
2.

       

        Беше крај на мај, четврта година откако таа се весли со мајка и во куќата на дедо Петре.
        Алкајсиите узрејаа, кумбетите зачадија, зовриваше шербетот во тенџерињат со широки усти,.замириса слаткото...
        Мене ми мирисаа усните на Црешоока, полни, набарени како да ќе   прелие од таа возбудлива набабреност крвта од презреаните цреши, ми мирисаа со горешините на жедните лета распослани по песочните плажи на реката, со темницата на киносалата, со шампитите и лимонадата во слаткарницата „Ванила“, со првите поетски пориви...
        Седевме на клупата во паркот а јас ја пиев со очите, со душата, со сето мое сунгересто битие ја впивав во себе како прежеднат ранет војник од битката на копнежот и стравот и мислев каква магија да изведам па да го бликннам сокот од презреаните цреши и да си ја заситам зедта.
        - Знаеш ли да се бакнуваш! – ја треснав одеднаш најглупавата што можеше да ја тресне кој било на мое место во таква ситуација.
        - А ти? – праша таа тивко и срамежливо ги забоде очите во песокта со која беше послана патеката крај клупата..
        - Напишав песна за твоите усни! – и реков, побегнав од одговорот на нејзиното прашање, побарав начин да ја повечам назад глупоста што предмалку ја треснав, дури во желудникот, од кадешто мислев дека излезе како грозна блувотина од несоџвакани зборови.
        - Знам, по третпат ми кажуваш! – се насмевна таа, - Ама, ми годи на душава... – румена насмевка и затрепери на образите, - Кога ќе ја прочитам?
        - Оваа е друга! – реков, - Во неа твоите усни ги споредувам со цреши полни со сок...
        - Па црешите се секогаш полни со сок.
        - Па и твоите усни се секогаш полни со сок.
        - Мис...?
          Гласот и заврши на моите усни – мек, нежен, со вкус на сок од цреша, ист како и нејзините усни на кои, како крадец во брзање, да не биде фатен од стопанот, ги залепив моите и ја бакнав, држејќи ја со едната рака околу половината а со другата нејзиниот бел врат.
        Колку ли траеше?
        Повеќе од вечноста а помалку од сонот.
        Во молкот што го продолжи чувството на бакнежот низ моите вени разменивме неколку значајни реплики за разбирање на сите неразбрани зборови што не умеевме да си ги кажеме во изминатите години од нашето познавање. Јас, лач среќа и радост паднат од некое далечно сонце во вселената, таа - тивок ветер што се провлекува низ снеговите на срцето и ја ослободува згрчената мисла...
        - Зошто ме бакна? – нејзиниот поглед висна тажно како смрзната качунка.
        - Бидејќи си прекрасна! – мојата дланка радосно запеа во нејзината.
        - Требаше да ме прашаш, - се исправи качунката во нејзиниот поглед.
        - Храброста е мигновено чувство, - реков.
        - Знам, - рече.
        Нејзините усни беа се поблиску до моите. Пак ја спознав магијата на вечноста. Овој пат многу посилно – бев центар на вселената, а таа само сок од цреши што се разливаше низ ѕвездените патеки на мое тело.





3.

      Шестата пролет по ред ми ја дари најубавата цреша од нејзината крошна. После плачеше, со солзи што ме дожежаа во срцето и го убија нагонот на ловецот во мене.
        - Не обрнувај внимание, - намести усилбена насмевка на прекрасното лице низ солзите, - Така, некоја тежина тоа е... Од длабочините на душата... А не сакам да плачам...
        Не реков ништо. Се презирав, бев животно затворено во мртвата страст во сопствената душа, животно што станало свесно за својата животинска природа. Се грозев од самиот себе, од сопственото тело, од сопственото дишење, од сопствените мисли, од чукањто на сопственото срце...Секој атом во мене имаше смрдлив здив на мрша.. Дури се грозев и од сопствениот поглед, па го симнав од нејзините облини, од милијардата совршени линии од кои беше нацртано нејзиното голо тело како слика на непознат сликар...
       Ја гушнав. Ја нурнав главата во мирисот на нејзината бујна коса и шепнав со плачот од мејзината душа:
        - Прости ми...




          
          
       
        4

        Таа пролет сигурно ќе ја запомнев по жалната слика од празните крошни на црешите. Таа пролет црешите не родија. Ги ослани некоја лута, изеслива слана, ги попари, ги катраноса и ги срони - мали црни монистри по земјата...    Но тоа што црешите не родија, што ниедна жена не изнесе ќумбет во дворот, што во ниедна куќа не се направи слатко од цреши со кое ги добросувавме гостите, таа пролет никому не му беше грижа. Најмалку мене. Таа пролет, Црешоока легна в постела, бледа, беспомошна, со згаснат сјај во очите...
       Свенот и беше бавен, како на цвеќе на кое црви му се вовлекле во коренот,па   го нагризуваат секојдневно, троа по троа, жилка по жилка грицкаа од неговиот корен, ги затвораа со талогот на немоќта каналчињата со кои се црпат животните сокови и таа свенуваше, од ден во ден се повеќе свенуваше...
        Кога смртта доаѓа одненадеж, удира како ровја, одекнува од ридиштата на болот и се стишуваа... Кај неа доаѓаше бавно, се најави како наивна шега од далечините, како детско влечење за прцла...
        Нејзино умирање беше грч, беше очај, беше немоќ. И надеж и исчекување во моите очи, и молитва и клетва,.на моите усни. Бев светлина на времето зад и клета сенка на тоа што идеше... Бев молк, бев мртва песна во клунот на убиената птица на радоста, сонце без небо, река без корито, сунгер во кој се впиваше сета болка на светот.
        - Држи ми ја ракате! – молежлив шепот, силен колку и чукањето на моето срце, зашумоли од нејзините очи.
        - Не сум ја испуштил со денови!- реков.
        - Ако, држи ме...
        Пак молк, во кој се слушаше само шумолењето на светлината додека влегуваше низ пердето во малечката собичка со мирис на бавно умирање.
        - Оваа година цртешите не родија! – реков глупаво, колку да го размавтам мирисот на смртта.
        - Ох, колку би сакала да каснам барем една! – рече.
          - Изеди си ги очите! - извлеков со мака низ онаа мала шуплина што ја оставаше топката во грлото, колку воздух да ми влезе во градите и се насмевнав со сила...
        Ми врати со насмевка. Всушност тоа и не беше насмевка туку светлина на свеќа што догорува, последен грч да се осветли мигот што ќе ја собере вечноста во себе.
        - Јас не ти се лутев кога ме влечеше за прцлата!
        - Никогаш посилно и поискрено не ти кажав колку те сакам...
        Умиравме заедно. Таа со телото, јас со душата. На истиот начин како што расневме. Умираше шепотот во неа, умираше румената боја на нејзините образи, умираше отсјајот на сонцето во очите со боја на презреана цреша. Умираше мојата Црешоока, а со неа мојата радост, мојата среќа, хоризонтите по кои беа растрчани дивите ждребиња на моите сни.
        - Не плачи! – рече.
        - Не плачам! – реков.
        - Плачеш со душата.
        - Плачам.Никогаш нема да престанам.
        И денес жените изнесуваат ќумбети и прават слатко од цреши - алкајсии, но денес никој не добросува гости со него. Ниту пак видов девојче со очи со боја на презреани цреши...

ВОЛШЕБНИК И СОЛЗА

        - Јас сум Волшебник - реков
        - Знам, - ми призна
        - Можам да те магепсам, - пак реков.
        - И тоа ми е познато!- се согласи.
        - Потоа ќе плачеш, - шега ли беше или опомена, ниту самиот не знам.
        - Веќе сум солза – рече таа и се стркала кристално по мојот образ, малечка, топла, полна со мирисите на недојденото време, како претскажување, во кое клетвата и благословот беа една иста рамка за ненасликаната слика на големата болка.
        Сакав да и речам:
        -Немој, солзо, немој по мојат образ. Претежнат е тој од воздишки и крици на заклано време.
        А таа:
        -Мислиш, ги има многу налик на мене па се плашиш да не се обезличам меѓу нив.
        - Не, солзо, ти си посебна, ме плаши твојата посебност...
        -Доцна е, - ќе воздивна таа, но во нејзината воздишка ќе нема каење,
        Но, место тоа:
        -Вчера сликав во паркот, види! – ми го даде мобилниот на чие екранче се покажа пејсаж на парк во есен, - Гледај колку е тажна есента: полна со умирање и смрт.
        - Не, солзо, есента е полна со бои и живот. Ова, лисјево, што остава впечаток на беспомошност, всушност е закрила, чаура во која се чува еден живот што допрва ќе бликне...
        - Значи, ти ми доаѓаш како некаква есен! – се насмевна таа тажно, - Претпочитам да си ми лето...
        - Тогаш ќе бев даб, столетен, разгранет даб и ќе ти правев дебела сенка додека одмораш, - сакав да речам, но не реков, оти летото имаше друга симболика во нејзината глава.
        -Еј, волшебникну, - кликна стутулената птица во гнездото на нејзината скршеност одненадеж, - А можеш ли ти да ме претвориш во насмевка?
        - Можам, - реков, - Ама не сакам.
        Ја натажив. Попарем цвет од ненадејна слана се отслика во емулзијата од тага на огледалото во нејзините очи. Ако очите се огледало на душата, тогаш душата сигурно и беше голема осланета цветна ливада.
        - Мислев ме сакаш:
        - Ако те претворам насмевка, ќе морам да те сокријам длабоко во душата, никој да не те види. Тоа може да ме боли.
        - Ти си волшебник, што е капка болка во огромната чаша на твојата душа?
        - Исто како капка радост во твојата тага, - се насмевнав.
        - Капка мед во лажичка отров.
        - Капка отров во лажичка мед може да убие секого.
        - Зар и тебе, волшебнику? - се зачуди таа.
        Беше кревко стебло жито што и најслабиот ветер можеше да го скрши. Беспомошно загубена во витлите на сопствоното страдание, тивок отсјај на изгрејсонце зад облакот на сопствената трагедија, длабоко во нејзината душа тивко течеше реката на нејзината несреќа и го длабеше амбисот на стравот, крвав и студен до болка...
        - Јас не сум различен од другите, освен во лудоста…
        -Значи, „ДА!“ – се насмевна таа.
        На нејзиното лице се преслика малечко сонце и далговито се разлеа по стаклените површини на двете езерца под нејзиното чело.
        - Волшебнику, јас се насмеав! – личеше на јојо од кое зрачи живот кој тукушто почнуваше; весел жубор на река ослободен од оковите на мразот на долгата зима.
        - Да солзо, се смееш! – силна далга од милина ми мина низ сето тело, - Не запирај никогаш повеќе.
        Однапред знаев дека ќе ја изгубам, насмевките се како пердувчиња, како оние најмеките пердувичиња, ја пружаш рака да го фатиш во воздухот, но пред да ја затвориш и да ја заробиш неговата мекост во нејзиниот кафез, ветрот што го создава затворањето на дланката ја поттурнува подалеку од тебе, ја превртува палаво во воздухот и таа пак застанува и те мами на уште еден и уштен и уште еден обид... Дедека не ја подзеде некое благо ветре и не ја однесе соема од очите.   
        Еден дене, едно друго ветре ја врати пак назад.
        - Волшебнику, што правиш? – ми се насмевна, беше сонце и ја осветли за миг темнината во пештерата на мојата самотија.
        - Солзо!- кликнав, бев радост, бев отсјај на заталкан зрак од последното парче на скршеното огледало на надежта.
        - Сега сум насмевка! – се насмевна таа, уште поведро и поубаво од претходниот пат.
        - Да, гледам и се радувам дека си тоа, - реков искрено.
        - Што правиш, волшебнику? –
        -Пишувам расказ! –реков радосно, -„ За тебе е, сакаш да го прочиташ?
        - Го знам! – ме пресретна со сончевина од очите, - Зарем не се се сеќаваш дека јас ти го остваив да го напишеш... Сепак, ти си волшебникот, ќе го напишеш поубаво од мене...
        Сакав да и речам:
        - Остани насмевке, ми требаш... Празен сум... Сосема празен... – но таа зборуваше сосема друг јазик и немаше да ме разбере. А јас не сакав да се претворам солза. Доволна ми беше празнината со која свикнав да живеам затворен во студената пештера на самотијата.

Friday, February 18, 2011

РОДЕНДЕНСКА

за твојот 44 роденден

Помислуваш ли, тогаш,
кога им велиш НЕ
на преплашените птици на староста
и го покриваш со парче црн брокат кафезот
за да им ја заглушиш песната наутро,
додека стоиш непокорна пред огледалото,
помислуваш ли,
моја прекрасна седокоса убавице,
дека на тебе и среброто има поголема вредност
од златните куполи на храмот на свети Јосиф
и од сите дијаманти
во круната на англиската кралица.


Помислуваш ли, тогаш.
кога ќе се свртиш назад
кон сончевите ливади на твојата недопреност
од кадешто те поведов полн со самосебе
без да ми побараш диплома за туристички водич
помислуваш ли,
моја кротка и трпелива сопатничке
дека патот до овде го бележав со по едно биење
од твоето срце помеѓу секои мои два чекора...


Помислуваш ли, тогаш,
кога ветрот со дива пресилност
се провира и пишти низ сувите треви на очајот
а јас го чувам подалеку од тебе
огнот од срцето на мојата вечерна молитва,
помислуваш ли
моја тивка безгрешничке,
дека ниеден оган не е доволно силен да не сотре
дури си во мене, дури сум во тебе...

ЗРНО ПЕСОК

Ме најдоа во мојата пустина
Камсин и Сироко,
спокојно заспан во сенката
на белиот Хименокалис.

Што ли видоа во мене
па ме кренаа кон морскиот брег
да те најдам,
бисер да ме направиш!?

Некои други зрна песок
секој ден ги чекаат
Камсин и Сироко
да ги однесат до нивната школка.

Thursday, February 17, 2011

ПРЕКРШУВАЊЕ

Детето што си игра пет камen
со своите воздишки
кога спие
има замок од пролетни мириси
во секое мое прекршување
низ горчливата кора на зборот.

Кога тоа ги отвора очите
утрата ми слетуваат на рамо како птици
со прегладнета песна во грлата
а јас брзам да му ја уловам првата насмевка
и да го сопнам чекорот на денот
со нејзината милност.

Детето што живее во замок
од пролетни мириси
го развлекува денот како пресен локум
од едно до друго прашање
и го задоцнува доаѓањето на ноќта
во распупените гранки на претежнатиот сон.


Пак гребам во горчливата кора на зборот
и градам уште еден замок
од мириси на пролет
за детето што си игра пет камен
со своите воздишки
кога спие.

КАИНАВЕЛСКО ПЛЕМЕ

Со каков нож да се отворам:

да се видам, па да кинисам...



Во мене гревовите се пресликани

на дедо ми и прадедо ми

- името што не си го знаеле...



Ц рни векови размотувале

зјајдупки да пополнат

и пак ништо немале...



Кога оној пред дедо ми

гревовите на кантар ги измерил,

планините пропиштеле

сосе птиците - жалосниците...



Си ги мерам стаплките

со трагите на пркосниците

- колку се мали...



Од стомина еден да сочувавме

големи ќе бевме...



О, клета реко од солзи и крв,

ќе има ли благлослов за водите твои

во векот од светлина што го ковевме...



А волци сме, си знаеме,

глад црна за сами себе не стрви...



Уште колку данок ни остана

да платиме, да преплатиме

- долг да не оставиме

кога од племето каинавелско

ќе кинисаме...

ЌЕ ОПСТОИМЕ

Гаврани грачат
очи да ти пијат
ко да малку им беше


Во твојата иловица
душата си ја огледувам
испукана
зажедната
а многуродна...

Твоите карпи
мои коски
настршлени
исправени
високи
дланки рапави
понудени
за гордоста гнездо...

Ветриштата твои
мој глас
во болката твоја испечен
во солзите твои искален
меч за сите битки
недобиени
што ќе ги добиеме

Кога газам по тебе
ко по себе да газам
толку сме исто
толку сме едно...

Не има
- ќе опстоиме...