Бев летач, ламја која сака да се проголта самата себе, да изгори во огнот на сопствената болка. Бестелесна самоизеднина зад воланот на разјареното толедо што собираше шумолење на вода со широките гуми од телото на црната змија, растргната под уште поцрното небо со распорен мев, како трудна ѓаволица. Камшик и магнет. Камшикот на болката зад мене, магнетот на смртта пред мене. Бегав од едното, брзав кон другото. Она - поподносливото, она - поприфатливото, она од коешто се плашев како што дете се плаши од темница, она - кое сите мравки под патосот во собата ми ги праќаше под кожата кога ќе помислев на него, обично после некој погреб на некој роднина или близок, тогаш, кога ќе изветрееше од мене куражот на неколкуте чашки алкохол, оти секогаш мислев како би се чувствувал јас да бев на местото на покојникот, и толку силно се соживував со таа ситуација што почнуваше да ме гуши земјата врз телото на покојникот.
Ја сакав смртта и летав кон нејзината прегретка. Ја сакав силно, толку силно како што ја сакав неа пред неколку часа...Летав кон смртта како што летав со букет хризантеми и шише Мерлот кон нејзиниот стан: бестелесно лесен, не допирајќи ја земјата...
Црвен блиц го осветли за миг полето пред мене ,а по него црвена смрт се сруши од небото врз едно дрво, далеку од мене.
Ми се стори сосема нормално што му заблазнив на дрвото за прегратката на црвената смрт. Ми се стори сосема нормално и тоа што ми беше криво оти не се најдов под него во тој миг. Ми се стори сосема нормално дека силно ја посакав прегратката на смртта, како прегратка на многољубена жена. Како тоа да беше најнормална, најсекојдневна потреба од воздух, од вода, од храна...
Во ретровизорот се разлеа блицот на некоја нова црвена смрт, но не почувствував ништо сега, не сетив никакво заблазнување кон некое дрво што стана предмет на нејзината гушка: во тој миг се искачив на врвот на нагорнинката и пред мене се отвори утроба од многу светлина на некакво гратче.
Не знам кое на што беше лика прилика – мојата душа на гратчето, или обратно. Празнина во едното и во другото. Го познавав тоа гратче: реката што течеше низ него, кејот, мостовите, хотелот, автобуската станица, зградата на Домот на културата, секој објект ми беше познат и можев непогрешливо да ги именувам со имињата што им ги дале мештаните, иако од последниот пат кога престојував во него беа поминале петнаесеттина години...
Не знам што беше попусто – мојата душа или утробата на гратчето. Само светлина, светлина на бестелесност - по улиците што ги киснеше летниот дожд се разливаше светлината на уличните светилки, во мојата душа,пак, светлината на смртта по која безглаво летав со црното толедо.
Помислив дека смртта сето време бега од мене:
Додека возев по празните улици имав впечаток дека поминала веќе овде и го избришала и последниот траг на живот во тоа место.Но тоа беше само поради дождот. Дождот што сето време одеше помеѓу мене и мојата смрт, не дозволувајќи ни да се сретнеме...
Застанав. Не дека видов живо суштество во тоа бескрајно мртвило, туку тоа суштество ми беше познато. Погледнав во ретровизорот – но задното стакло беше замаглено, така што ништо не можев да видам.
Ја измолкнав главата низ прозорецот и ја побарав – ја видов сега потклекната, накисната мала пајка, како да беше испуштила нешто, но всушност, ми беше јасно дека само се обидува да оствари хоризонтална перспектива до мене, оти кровот на автомобилот ме закриваше од нејзиниот поглед, па стоејќи не можеше да види кој е внатре.
Се вратив неколку метри назад и излегов.Нешто затрепери во мене. Нешто пријатно и топло.
- Сирено! – реков, - Што правиш овде како накисната пајка?
Ме позна.
- Вие!? – изусти мешавина од недоверба и тивка радост.
- Сам сум, - се нашалив, - Зарем за двајца ти вредам, хаха! Или, си испила капка повеќе.
Ме удри со тупаничката по рамото.
- Па како да Ви се обраќам? А од каде Вие овде? Имате повод?
Да, сфаќав што сака да ми каже. Ми беше ученичка некогаш, пред десетина години, кога почнав да работам како професор во средното медицинско училиште... Сепак:
- Батали го другиот, обраќај ми се само мене! – реков, - Леле, каква си, како од машина за прање алишта да си излегла Чекаш некого?
- Ти личам на некоја што чека? – откисели со прислна насмевка на тажното лице, - Неееееееееееееее...Само ги бројам капките на квадратен метар.
Имаше некоја чудна топлина во нејзиниот глас, каква немав сретнато во ниту една жена во животот. Топлина којашто се ослободуваше од него и се разлеваше низ воздухот опојно како што рузмаринот при благ допир ја испушта и разлева својата миризба. Топлина која ги врати во полн сјај боите на спомените од моите први години како професор во средното медицинско училиште...
- Како вчера да беше! – и се насмевнав.
- Што, како вчера да било?
- Кога ти дадов име Малата Сирена.
Пак онаа насмевка, нежна и тажна, истовремено,,како есенско сонце, поради која присилно ги забрзував понеделникот и вторникот да истечат, за да ја донесам средата со распоредот на часовите, според кој имав удвоени часови во нејзиниот клас.
- Белки нема овде да евоцираме спомени! – ја сврте таа темата, - Ако ме префрлиш до дома, ќе ти се оддолжам со кафе, па можеме во попријатен амбиент да се потсетиме на тоа што било...
-Колку е часот? – ја прашав.
Дури сега сфатив дека немам никаква ориентација со времето.
- Деведесет минути по полноќ! – шепот на свила се вплете како млада фиданка од бршлен во шумолењето на дождот што полека намалуваше, - Еј... – веднаш потоа гласчето и заѕвони со тивка доза на навреденост, - Девојка сум, бре, не сум дете...не бери гајле. И те викам само на кафе...хахаха, - кристални капки бистра вода се одронија во акустичната пештера на ноќта...
Сепак тивко, речиси крадешкум влеговме во куќата. Иако веќе имаше дваесет и седум години, сепак, како да и беше непријатно родителите да ја видат како внесува човек дома во ниедно време...А татко и можеше и да ме препознае – после секое доаѓање во училиштето го китев неговото родителско достоинство со грстови фалби за неговата ќерка. Искрено, без ронка лицемерие.. Таа ме фати за рака и не палејќи го светлото ме поведе по неа низ мрачните простории. Излеговме на широка тераса, на која имаше нишалка, со малечка пик – ник масичка пред неа.
- Седни ! - покажа на нишалката,па исчезна во мрачната утроба на куќата.
Дождот сосема престанал, силен мирис на озон во воздухот ми ги отвараше широко градите и ми го правеше многу попријатно лулањето во лулашката. Се сетив на случката на еден мој пријател, кој исто вака отишол кај некоја деваојка на кафе по полноќ и го разбудиле татко и, а тој влегол со двоцевка и му се заканил дека ќе го убие ако не ја земе веднаш за жена... Немав ништо против да ми се случи такво нешто.
Озонот сосема ми ги отвори порите во мозокот, ми ја расшумоли крвта, ми го врати животот. И сликите од пред шест, или колку ли, часа кога ја фатив жена ми со нејзиниот шеф во брачниот кревет... Пак го сетив истиот нож во градите. Затресов со главата, сакав да ја истресам сликата од мислите, што ме праќаше во прегратката на смртта ... Залудно... Го нурнав лицето во дланките...Чудно, ми го немаше венчалниот прстен. Имав впечаток како никогаш и да не сум го имал Да сум го загубил, ќе имав белег на прстот, кожата ќе беше побела од останатата. А секој оженет човек има венчален прстен и по таа логика и јас би требало да имам. Се обидов да ја повикам повторно случката, да ја избистрам сликата до максимум – видов кревет, видов жена, млада жена сета во крв, со глава одвоена од телото со секира, која стоеше веднаш до неа. Пак затресов со главата и сликата исчезна.
Јас не бев оженет. Ниту пак имав сериозна врска, оти последната ја бев прекинал пред неколку недели.
Зошто ли летав кон прегратките на смртта.
Каква ли сила ме туркаше кон неа
Таа се појави со овален послужавник и два филџани од кои излегуваа шурки пријатна миризба на штотуку сварено кафе. Истовремено со иризбата ми влезе в очи дека во меѓувреме се преслекла. Беше прекрасна и до предмалку,како накисната пајка, но во кремовиот фустан од индиски лен добила сјај на полноќна месечина...
- Колку си убава! - реков, пиејќи ја со погледот капката роса од црниот сомот на ноќта.
Не рече ништо. Го остави кафето на масичката и седна до мене, ширејќи мирис на жена и дете истовремено. Мирисот на детето ми беше познат, но овој другиот, овој што ги собрал сите миризби на летните ноќи распослани по лаките, по бавчите, по парковите и алеите,
Не рече ништо во врска со мојот комплимент. Сакаше ли да направи идиот од мене со чувство на натрапник или пак, едноставно, направи стаклено ѕвоно, за да се заштити од некој евентуален мој обид да и влезам во срцето, во кое не беше тешко да се воочат капки крв од последната љубовна рана.
По улицата претрчаа сенки. Луѓе – сенки. Бесшумни сенки. Сенки што не предизвикаа шлапкање во баричките што останаа да сведочат заедно со озонот и свежиот воздух за дождот од пред малку.
- Види!- реков, - По улицата претрчаа сенки.
- Кажи ми сега, што те доведе наваму.... – ја прескокна таа и оваа моја забелешка.
- Не знам ! - одговорив, зборавајќи дека пред само еден миг по улицата претрчаа сенки, луѓе – сенки; бесшумни сенки; сенки што не предизвикаа шлапкање во баричките што останаа да сведочат заедно со озонот и свежиот воздух за дождот од пред малку, - Ја бркав смртта...
- А како се брка смртта?
- Со сто и шеесет на саат.
- Сериозно те прашав.
- Ма не знам, кога ти велам...Имам впечаток како да прескокнав неколку часа од мојот живот.
Таа ја потпре главата на моето раме.
- Не сакам да умреш, - рече, - Ќе бидам најтажната сирена во сите мориња на светот ако ти се случи тоа.
Косата уште и мирисаше со свежиот здив на летниот дожд. Тоа пробуди силна потреба да го повторам восхитот од нејзината убавина, но не го сторив тоа; не дека ми беше страв оти пак ќе ја прескокне мојата забелешка и пак ќе се почувствувам како идиот - преку слепоочницата таа ја пренесе во реките на мојот крвоток музика на своето срце, а таа музика беше од харфата на болката, од на виолината на пресушените солзи (можеби маскирани во капките дожд кога ја собрав од под стреата како накисната пајка), музика на свенување на млад цвет сред процут,музика на некоја болна недореченост што капка по капка се одронуваше од мазните сталактити во пештерата на нејзината интима и како ѕвонлив ламент се одбиваше од ѕидовите и од плафонот, па се претворив обичен гест на искрена нежност, ја прегрнав и ја впив во себе. Знаев дека ќе биде убава жена еден ден, но дека со несреќата ќе другарува... Убавите жени само во романите се несреќни, мислев.
Сепак, не реков по вторпат дека е многу убава, можеби мојот гест на нежност појасно и поразбирливо го изговори тоа, отколку јас, да гестовите имаат поголема моќ да маѓепсуваат од зборовите, не е важно, во тој миг единственото што сакав беше да ја допрам со срцето, да ја гледам со душата, да ја мирисам со очите... Во тој миг единствено што сакав беше да го скаменам мигот, да го слеам со вечноста.
- Имав некои чудни слики, додека возев наваму, - реков, - Како сум ја фатил жена ми со нејзиниот шеф во креветот. Во нашиот брачен кревет.
Нејзините раце се побараа една со друга некаде под моите ребра и таа ја спушти главата на моите гради.
Нежна, едноставна, осветлена од светлината на немоќта, личеше на полноќна месечина, или поточно на одраз на лик на полноќна месечина во огледалото на мојата душа.
Бела снегулка во дланката на моето срце.
Лековит мирис на босилек за ненаситот на очите.
- Како да и кажам колку сум и благодарна? – рече отсутно таа, како загледана со мислите во нешто убаво, во нешто што ги полни и преплавува и душата и срцето и се припи посилно за моето тело.
Во друга прилика би се налутил кога некој не ме слуша, кога зборовите во ветрот ги фрлам, но таа беше нешто посебно, сфатив дека во тие мигови и ги дарувам највисоките врвови на мојата гордост, дека би можел да и подарам се што ќе побара од мене...
На таа несекојдневна мешавина од детска невиност и зрелост на жена.
Ги протнав нежно прстгите низ прамените на нејзината коса над челото.
- Мило, јас не сум оженет, гледај, немам ниту прстен, ниту траги од венчален прстен...- и шепнав и се обидов со мислите да го пронајдам истиот предел кој и го одземаше оној дел од вниманието и ги отвораша дагите на изворот на нејзиниот занес... – Тоа беа слики, чудни слики... Како некој да ми имплантира нечиј мозок во главата...
Таа ја изврете главата, поткревајќи го лицето кон моето, при што и помогна десната рака, со која направи пријатна закачалка околу мојот врат.
- Чудни сте вие поетите, - рече, - Се некои чудни слики ви шетаат во главата...
- Не сум поет, - се насмевнав горко.
- Добро, ама се дружиш со мртвите поети, - остана таа на своето, - А тоа е исто како да си и самиот поет, - потоа, пак свртување во друга страна, - Знаеш ли дека како ученичка бев вљубена во тебе?
- И ти мене ми беше многу мила, - и признав.
- Тоа не е исто! – и пак рацете се побараа една со друга под моите ребра и пак таа ја потпре главата на моите гради, - Колку ги сакав твоите часови... Го впивав секој твој збор... Ги научив наизуст сите анегдоти, сите авантури, сите разочарувања и скандали на големите поети...
- Ти бев професаор, - реков, како да барав некое оправдание со таа реченица, а не морав, - А ти беше дете.
Ги спуштив усните на нејзиното теме.
Таа наврапито се исправи.
-Еј, зошто ме бакна!?
- Затоа што сега си жена.
- Ама ме бакна како да сум дете.
- За мене секогаш ќе бидеш дете, - реков неволно, помалку ми беше и криво што во неа се уште го гледам детето од пред десет години, а од друга страна и ми беше мило дека е така, оти тоа ја правеше посебна, поразлична од сите жени што ги знаев.
- Го заборавивме кафето, - рече, - Ќе истини.
- Ми се лизгаш како јагула од рацете, - се насмевнав горко, - Дај ми ја раката, - и без да чекам одобрение ја зедов нејзината рака, и ја отворив дланката и извадив пенкало од џебот на кошулата.
Да, не бев поет, но во тој миг во мене надојде силен поетски порив и запишав на белилото на нејзината малечка, како ливче од бел трндафил, рака:
Ти ги дарувам, мило мое,
Ти ги дарувам највисоките врвови
на мојата гордост
за возврат ништо не барам
само можност да ти подарам уште...
Видов: лицето и го озрачи силна среќа, очите и заискрија од возбуда, усните и затреперија, тие полни румени усни од кои и клетвата звучеше како убава музика на благослов... Потоа, очите и се насолзија.
- Колку е убава... Вакво нешто никој не ми подарил.
Во тој миг целата беше музика, мала полноќна музика во ноќ полна со озон и сенки по улиците.
Во тој миг целата беше светлина – малечко сонце во ноќ полна со озон и сенки по улиците.
Во тој миг беше се што целиот живот барав кај жените.
Но тоа траеше кратко: во следниот миг сите убави чувства што бликнаа во неа ги потисна некаква паника и таа лудачки ги затрла дланките една од друга, па стиховите станаа обично модрило на белата дланка.
- Мораш да одиш, - рече, - Тој во секој момент може да си дојде.
Ме фати за рака и онака збунета ме поведе низ мрачната утроба на куќата кон излезот, како и што ме внесе.
- Кој е тој? – се сопнав во мракот од сопствениот шепот.
- Мажот ми, - рече таа, или всушност ништо не рече, трепетот што и мина низ телото како непријатна струја заедно со допирот на бурмата од нејзиниот прст во мојата рака ( зошто ли дури сега станав свесен за неговото присуство) прозборе со силата на стравот од неа.
Можеби и обајцата ништо не рековме, оти мислевме дека некажаното помалку ќе боли, иако молкот зборуваше и тоа што зборовите не можеа да го кажат.
Кога излеговме на улицата, таа како да се присети на нешто.
-Почекај за миг, рече и влезе внатре.
Се врати со неакво пакетче завиткано во весник
- Вчера ми беше роденден, заборавив да ти пресечам...
Ја гушнав. Во грлото ме задави клопче што не се вади, што се напиња, чиниш ќе илезе, но сепак, се запило со некои пипци за гласните жици, па те гуши и дави и само потскокнува како некое диво ждребе во аргач. Во тој миг сакав да и кажам многу, да ја избришам, да ја впијам во сунгерот на неизговорените зборови сета болка од нејзината душа, но зборот ми сврте грб како никогаш во животот.
Влегов во колата.
Да, таа беше несреќна. Најнесреќната жена на светот. И убава како утро.
Мислата за нејзината несреќа се возеше со мене на сопатничкото седиште по истиот пат по којшто дојдов.
Пак помислив за сликите што ми ги имплантираше некој во мозокот, за жена ми што ја немав, за сцената во брачниот кревет со нејзиниот шеф...
Се помалку ми се чинеше веројатна можноста да бидат обична вообразба, знак на замор од работата...
Не верувам во судбина, но зарем би можело да има друг одговор. Каков магнетизам имаше меѓу нас двајцата... Зарем можела силата на несреќата во нејзината душа да го совлада просторот и да ме привлече како метална честичка во нејзиниот живот?
Требаше да ја поведам со себе, помислив и сакав да се вратам назад, но на спротивната страна на патот толедо исто како моето удрило во дебело дрво.
Застанав. Гумите зачкрипеа во ноќта. Се вратив назад и излегов од колата. Возачот уште беше на седиштето и го гушкаше воланот како да му беше љубовница.
Па тоа беше моето толедо.
Ја отворив вратата и внимателно го ослободив воланот љубовница од прегратката на возачот, а него го потпрев на седиштето. Всушност, се потпрев самиот себе. Возачот бев јас. Си го допрев пулсот на вратот – никакво биење... Никаков знак на живот. Си ја раскопчав кошулта, крвава од повредата на градниот кош и го ставив увото на сопственото срце – мируваше...
Панично потрчав кон другото толедо; влегов во него и ја заклучив одвнатре вратата.
„Мртов сум...Јас сум мртов!“, сетив липот во градите, „Ова е лудо„
Погледнав во ретровизорот - никаков одраз...
Го побарав пакетчето што ми го даде таа, мојата малечка сирена, кога се разделивме. Некој глас како да ми велеше дека во парчето од весникот ќе ги најдам сите одговори на прашањата што надвиснаа над мене. Го отворив. Немаше потреба да го запалам осветлувањето во автомобилот, можев да читам и во најгустата темница.
„ЉУБОМОРЕН СОПРУГ И ЈА ОТСЕКОЛ ГЛАВАТА НА
СОПРУГАТА СО СЕКИРА НА СПИЕЊЕ“
Ја побарав датата на ислегувањето на статијата – беше стара пет години.
Се обидов да се присетам што се ми се случило последниве пет години. Залудно, освен последнава случка, никакви други слики не можеа да се оформат во мојата глава. Како секоја вечер само тоа да се случуваше: Дождот, бркањето на смртта, средбата со неа...
И повторно сфатив, како секоја вечер по ред на истото ова место и во истото време, во три часот и петнаесет минути по полноќ, повторно сфатив – ние сме заробени души во кафезот на вечноста... Утревечер по полноќ, пак ќе се случи истото: пак ќе биде дождлива ноќ, пак ќе ја бркам смртта со сто и шеесет на саат, пак ќе ја сретнам неа, пак ќе ја засакам...
Tvojata imaginacija navistina me odusevuva. Uzivav! Kako da gledav nekoj aserija na " Twin Peaks" a jas ja sakav ovaa serija i redovno ja gledav. Bravo!!:-))
ReplyDeleteaa ti blaguno zs ne kazes deka si imala i ovde blog... :) A tvin Piksot zena mi go gledase, jas ni edna epizoda ne vidov... abe togas povekje sakav da citam, sega se e obratno...
ReplyDelete