Friday, March 4, 2011

ЦВЕЌЕ







          - Во ова цвеќево како да има некоја магија! – и рече писателот на жена си.
         Седнат крај работната маса со боја на цреша, на која имаше монитор, тастатура на подвижната табла, која одеше под масата кога не пишуваше, и печатар, тој го набљудуваше : и отсутно и внесено, истовремено, со некој поглед во кој се мешаа восхит, чудење и тивко пијанство, еднакво на некој необичен транс на човек кој само физички е присутен во просторот и времето.
         - Има, невешто! – промрмори жена му, - Со денови седиш над компјутерот, гледаш во цвеќето а ниту ред не си напишал...
         - Ќе напишам, - рече, пак така отсутно, како да не беше свесен дека нешто воопшто и рече, - Го чувствувам расказот во тебе, мило, знам дека ќе ми го кажеш...
         Се поткрна во столот, ја доближи главата до цвеќето и го помирисна  со полни гради.
         - Чудно, има мирис на млада крв...
         Во редиците книги во неговата домашна библиотека можеа да се најдат и десетина збирки раскази со неговото име и презиме и три романи, но таков творечки порив никогаш во животот не добил како  што доби по два дена од разговорот со жена си,... Го почувствува во тој миг силно расказот,како да беше внатре во него,  иако се уште му беше во главата; го почувствува како веќе да го проектирал на хартијата, како да го читаше од некоја веќе напишана книга од некои дамнешни а познати времиња, во кој како и самиот да бил.Беше тоа река, лавина, гејзер од слики... Бликнаа од него, како подземна вода што чекала мал земјотрес да направи мала пукнатина во кората на земјата...
         Не го забележа цвеќето веднаш кога се враќаше пред четири дена од вообичаената прошетка до малата нивичка со три реда лозов насад и десетина овошки од северната страна кои веќе втора година даваа род. Дури откако го одмина неколку чекори го виде со тилот. Го виде во сиот негов раскош и необичност,како што очите никогаш не можат да видат нешто. Како душата да му ја виде, му се стори. Се врати назад, па стоеше, стоеше и го набљудуваше цвеќето и чувствуваше како некоја енергија силно го влече кон него да го скини иако беше против берење цвеќе од природата, оти тоа нејзи и припаѓаше – Секое цвеќе носи душа на некој инсект, на некој скакулец, на некоја птица, па дури и на луѓето што тука пред децении минувале – велеше тој, ги караше децата како помали кога се натпреваруваа кое поубаво цвеќе ќе има во букетот...
         - Како му стави наслов, - праша жена му, кога ја направи првата пауза после сто и дваесет реда нанижани во во вордот, носејќи му филџан чај од риган.
         - Цвеќе! – рече тој.
         Беше задоволен од тоа што го напиша.
         - Цвеќе? – повтори жена му; не и се допадна тоа што го слушна... Зарем не е премногу прозаично... Твоите наслови секогаш се метафорични.
         - Само цвеќе, - рече тој, - Знаеш, ова не е расказ како досегашниве... Овој расказ е посебен, чувствувам дека е посебен. Со овој расказ сите ќе ме запомнат како писател.
        Имаше триесет и седум години и се уште се сметаше за млад писател. Се уште сметаше дека неговото време допрва ќе дојде.
         - За што раскажуваш во него? – се заинтересира жена му.
         - За еден писател кој нашол необичен цвет во полето. Цветот всушност е душата на еден убиен младич од страна на некои матни типови, оти бил сведок на убиство на една девојка проститутка. Една ноќ му влегуваат во куќата типови во црна облека, го влечат до еден голем автомобил, го носат надвор од градот и го закопуваат. Неговото исчезнување ќе остане мистерија... Ќе биде интересен, ќе видиш... Ќе победам на конкурсот за расказ на Нова Македонија со него.
         - Ха, така и за останатите велеше, а едвај во откупните се провлекуваше! – рече жена му, - Ако чекавме на парите од твоите раскази, до сега за леб ќе умревме.
         Тоа не го навреди писателот – тој сиот беше внесен во продолжението на расказот што се готвеше да го нафрли после пиењето на чајот. Уште повеќе, оти чајот од бел риган делуваше крајно успокојувачки на него...
                                                   
ХХХХХХХХХ

         Следниот ден го помина во корегирање на расказот – ги корегира погрешно напишаните букви, измени нешто , сосема незначајно во содржината, ги избруси речениците да светат со полн сјај.... Беше задоволен од тоа што го напиша и веруваше дека најпосле и тој ќе се наслади со првата награда... Не толку поради паричниот износ, кој, додуша, и не беше за потценување, туку повеќе поради публицитетот што ќе му го донесе – интервјуа по списанија, гостување во тв емисии, понуди за новата книга...  Го отвори имеилот, ја напиша адресата на распишувачот на конкурсот па со броус го закачи расказот како фајл и притисна на сенд.
         Знаеше дека периодот после ова ќе биде најтежок. Месец дена чекање, неизвесност... Месец дена од по маките на настрпливоста и исчекувањето на одлуката на жири комисијата.  Та не му беше првпат да праќа раскази на конкурс, но никогаш не однесе некоја од првите три награди.
          Разбра дека во жирито има еден негов колега од студентските денови, но имаше премногу гордост во него, наспроти големата желба да победи овојпат, и таа  не му дозволи да крене слушалка и со она, како си друже стари, шо има ново, се зборува вака и вака, а јас, знаеш, абе не дека не е убав, ама нели во оваа меретијава се е наместено... да така, ај види шо можеш да направиш... Не, тоа не се случи. Не му се јави да го  замоли за неговиот глас при одлучувањето. Од друга страна беше убеден дека расказот и сам може да однесе победа. Ова му беше најубавиот расказ што го напишал во животот... Впрочем и кога човек би прошетал низ целокупниот национален раскажувачки опус, тешко дека би нашол поубав краток  расказ од неговото  последно остварување...

                                                         ХХХХХХХХХ

         Вечерта, пред објавувањето на резултатите од конкурсот за краток расказ на весникот Нова Македонија, писателот го облече новиот костум, стави вратоврска со боја на вино  и се разлеа поточе претчувствувачка среќа по улицата што водеше до неговата омилена кафеана. Ја чувствуваше победата толку силно што веќе си го гледаше името во статијата  во културната рубрика на утрешниот весник.
       Кафеаната беше празна. Само на една од масите седеа двајца млади луѓе облечени во темни одела со темни очила за сонце над чаталестите чела.
         Писателот им се насмевна и седна на маста пред нив. Кога го порача своето, вообичаено за вакви свечени прилики, што уште толку му ја исполнуваше душата со милина, бело шардоне со сода, рече на келнерот да однесе тура и за лугето до неговата маса.
         Му требаше некој за муабет, некој со кого ќе ја сподели радоста што ги пукаше со весела песна шавовите на неговата леснокрила душа.
        -Напиј се и ти нешто ! – му довикна на момчето што служеше.
        - По кој повод, ако не е тајна! – допре до него од масата позади.
        Ја сврте насмевката што му го осветлуваше лицето кон  прашњето и рече.
         - Ха, ами, повод... Можеби утре ќе има... – рече загонетно, -  А ко да верувам  дека ќе има...
         - Кога е така, нека има! – ја крена едниот чашата.
         - Значи, претчувство, - коментираше вториот, - Е, па, дал господ да се обвистини! – и тој ја крена чашата.
         Им врати на здравиците и седна на нивната маса...
         Алкохолот го забрза муабетот, муабетот времето.  Им се пофали дека напишал расказ, дека тоа не било обичен, каков било расказ, ами расказ каков што ретко излегува од главата на и на најголемите писатели, дека во расказот има едно цвеќе а во цвеќето душата на убиениот младич што бил сведок на убиство над некоја девојка, го убиле двајца како нив, во темни одела и со темни очила за сонце...
         Тие, двајцата се смееја и му долеваа вино во чашата, па порачуваа ново шише и пак се смееја и го поттикнуваа да открива деталји од расказот и велеа, „Одличен расказ, прва награда за таков расказ е ситница“...
         Не забележа дека никој не влезе во кафеаната таа ноќ и дека стрелките на часовникот пред еден час се преклопија на бројот дванаесет...  Кога келнерот рече дека е фајронт, тој како и секој нафитилен муштерија истури река негодување дека му го расипува расположението, но келнерот навистина мораше да го  затвори дуќанот оти таков е законот од Нова Година наваму, му рекоа двајцата, па го фатија под мишки како сламена кукла и го изнесоа од кафеаната. Надвор имаше голем црн автомобил – едниот ја отвори задната врата и го сместија на задното седиште, па влегоа и тие во автомобилот кој за неколку минути излезе од градското подрачје и фати кон полето, по истиот оној пат по кој писателот секој ден правеше прошетки и наоѓаше инспирација за своите раскази и романи...
         Кога стигнаа на местото каде што го набра цветот, писателот одненадеж се отрезни, му се врати мислата, му се вратија сликите што му се појавуваа како филмска лента додека го пишуваше расказот и тој ја виде ноќта кога лугето во црно го убија момчето, а трпки му полазаа по челото, оти двајцата беа истите тие луге и автомобилот беше истиот и местото беше истото, и ноќта како да беше истата, ѕвездена, со полна месечина, ноќ во која завиваат волци во планињето оти нагонот за убивање, велат, тогаш растел до крајната точка...
         - Вие! – испушти студен страв од шепотот писателот...
         - Значи, ти си тој што не виде кога ја убивме девојката! – се насмевна студено едниот од двајцата во темните одела.
         Повеќе ништо не чу. Отсјајот на месечината во острицата на ножот беше последната слика  што го виде во својот живот...
        

                                               ХХХХХХХХХХ

        
          Наредните денови неговото име двапати се прочу.
           Прво, весникот Нова Македонија донесе статија  со насловите на наградените раскази и нивните автори на последниот конкурс за краток расказ, но тој не го купи весникот и не прочита дека неговиот расказ е прогласен за победник меѓу рекорден број пристигнати текстови на адреса на редакцијата, од кои некои во клучот го содржеле името на многу познати писатели.
              Следниот ден, сите дневни списанија објавија вест:
            „Сопругата на писателот кој ја освои првата награда на конкурсот на Нова Македонија, вчера го пријави во локалната станица на МВР исчезнувањето на нејзиниот сопруг. Оттаму ни рекоа дека случајот се испитува и дека се трага по телото на исчезнатиот писател... Никогаш не го најдоа. Но идната пролет, на местото каде што како последна слика  неговите очи го видоа блесокот на полната месечина во острицата на ножот никна чудно и необично цвеќе... Тие што го помирисале велеа дека мирисало на млада крв....






No comments:

Post a Comment